Збирка песни „Светлина“ на македонскиот поет, писател и драмски автор Зоран Пејковски


Издавачката куќа „ПНВ публикации“ од Скопје, деновиве ја објави новата збирка песни „Светлина“ на македонскиот поет, писател и драмски автор Зоран Пејковски. Збирката песни „Светлина“ е поделена во четири циклуси, и тоа: „Записи во книгата на ангелите“, „Пролетта што нема да дојде“, „Вакуумот на универзумот“ и „Помен во чест и спомен“. Збирката содржи 31 песна, кои композициски се поставени да длабат сѐ подлабоко во чувствата на човекот, на читателот, а посветена е на прерано починат внук Илија Плевнеш (36 години) на авторот.


Рецензент на книгата е поетот Славе Ѓорѓо Димоски, кој својата рецензија ја наслови „Никој не излекувал тага“. Всушност, тој во својата рецензија ќе напомене дека: „Стихов извлечен од книгата на Зоран Пејковски наведува на традиционалните македонски тажаленки во кои низ неизлечливата тага се бара лач светлина, која ќе го осветлува ликот на оној кој и самиот се претворил во ѕвезда/светлина. Светлина е она уточиште, онаа нишка со која се врзува суровата стварност со вечноста, а притоа да не се угаси вечниот оган на сеќавањето, бидејќи свеќите догоруваат, но нивниот пламен го осветлува бескрајот кој, народски кажано, е Душа. Вечнаја памјат!“


Со новата збирка песни во неговите книжевно-драмски, поетски, прозни и публицистички остварувања Пејковски ја достигна бројката од 51 книжевно дело. Тој е еден од поплодните и поангажираните писатели во македонската литература, бидејќи неговиот дијапазон на творештво опфаќа различни области.



извор: слободен печат

29060043_2016680208590936_36926234558838