Ѓорѓиев за Бугарија: Не ни го признаваат јазикот, а бараат заеднички да го чествувуваме Гоце Делчев

Не може постојано да ја обвинувате другата страна, а вие да тврдите дека вие сте тие кои ја кажуваат вистината, дека вашиот пристап кон работата е вистинскиот пристап, и да очекувате другата страна сето тоа да го прифати и да не реагира, вели македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, копретседавач на заедничката историска комисија помеѓу Македонија и Бугарија во интервју за БТВ.


Во интервјуто Ѓоргиев изјави дека бил револтиран од однесувањето на копретседателот од бугарската страна, Ангел Димитров, кој постојано ги обвинува македонските колеги.


„Бев револтиран од неговиот однос, ние уште бевме во Министерството, не бевме излезени од зградата после средбата, тој веќе даваше изјава со таа негова позната обвинувачка реторика кон нашата страна. Досега не сме имале таква реакција од која било страна дека ние зборуваме невистина и шириме некакви лажни вести во нашата јавноста“, вели Ѓоргиев.

Тој додава дека темпото на работа на комисијата се променило поради бугарските декларации, а не затоа што Македонија не сакала да продолжи со работа по приемот на НАТО.


„Духот на работата на комисијата се промени поради некои други работи, не поради тоа што Бугарија даде поддршка за влез во НАТО и со тоа ние ја исполнивме нашата цел и не сакаме да работиме. Доколку тоа беше така, можеби оваа држава и ќе ја прекинеше работата на комисијата. Меѓутоа, апсолутно тоа не е целта. Промената на работата на комисијата, би рекол, дека се случи поради неколку политички настани, декларации, кои беа, пред сè, усвоени во бугарското општество. Видете, ако ние треба да изградиме заеднички став во комисијата за тоа, на пример, дека треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев, а притоа државата со која треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев не го признава македонскиот јазик, тврди дека ние сме нација од 44-та година, Титова, како може ние една таква препорака да дадеме до нашата Влада? Како можеме да дадеме таква препорака за држава која не нè признава онака како што сметаме ние дека како нација постоиме? И на кој начин таа јавност овде ќе ја прифати таа препорака?“, вели Ѓоргиев.


Во врска со обвинувањата од бугарска страна дека македонските историчари ја прекинале работата пред парламентарните избори во земјава во јули 2020 година. Тој вели дека македонската страна предложила да продолжат со онлајн-средби, исто како што тоа го прават поради ковид-пандемијата, но бугарската страна одбила. Потоа ова, според Ѓоргиев, беше некоректно претставено во бугарската јавноста, дека македонскиот дел од комисијата ја прекина работата.


Ѓоргиев коментира и дека политичката ситуација во Бугарија влијаела на работата на комисијата и го објаснува случајот со Гоце Делчев.


„На последната сесија од вториот ден јас реков да се држиме до дневниот ред и да работиме за Гоце Делчев, бугарските колеги рекоа ’не, ќе продолжиме за Самуил‘. Тоа мене ми покажува дека тие сега не се за во овој вакуум на политичка власт во Бугарија, премногу да работиме и да дојдеме до резултати. Иако тие тоа ќе го негираат, јас знам. Меѓутоа, моето чувство е тоа, тие многу го намалија темпото на работа да се постигне некаков резултат“, вели Ѓоргиев.


Што се однесува до темата за Самоил, тој додава дека во ниедна препорака од македонската страна не пишува и не се тврди дека Самоиловото царство е македонско, „иако можеби во некои наши учебници постои такво нешто“.


„ Меѓутоа, околу самото толкување на изворите, самиот карактер на таа држава, според нас, дозволуваат да се допушти една поинаква перспектива. Постојат тези со кои се толкува дека освен бугарско тоа царство било и некакво друго“, изјави Ѓоргиев.


На прашањето дали има докази дека Самоиловото царство не е наследник на Првото бугарско царство, тој одговара дека не би сакал да навлегува во материјална расправа и толкување на изворите од средниот век, меѓутоа во книгите и студиите што се напишани во тој период постојат размислување дека таа држава може да се толкува и како држава која е различна од бугарската држава.


Ѓоргиев тврди дека досега на комисијата немало притисок од властите.



извор: инфомакс

29060043_2016680208590936_36926234558838