МАВРОВСКИ: РЕК БИТОЛА Е ВО КОЛАПС


СПИРО МАВРОВСКИ  -  Дипл. Електро инженер Магистер за човекови ресурси

Реакција на одговорот од АД ЕСМ на моите тврдења и прашања на ТВ Алфа на ден 19.05.2021 год.


Почитувани, Вашите одговори на моите прашања се само обични флоскули без никаква суштина. За жал, шансата прв да ве демантирам ми ја одзеде вашиот премиер демантирајќи ве со неговата изјава нецели дванаесет часа по моето обраќање за состојбите во РЕК Битола.


1. Вашиот одговор е дека има „повеќе“ јаглен на депонија од бројката која јас ја споменав, колкава е таа бројка 250-200.000 Т или 100.000 Т или пак 50.000 Т тоа не би требало да е тајна, згора на се ,видливо е.


2. Дали Вашата „предвидена“ динамика го вклучува најавениот увоз на електрична енергија по цена (моментална на светскиот пазар) од 55 €/Mwh, а Вие моментално на пазарот ја продавате по 38 €/Mwh, (загуба од 17 €/Mwh). Која ќе биде добивката за АД ЕСМ, и колку ќе треба да платат граѓаните на Република Македонија со покачувањето кое го најави самиот премиер само дванаесет часа по демантот на раководството на АД ЕСМ.


3. Изразот ½ блок работа го воведовте и измисливте Вие, и Ви препорачувам да го патентирате. Да објасниме на граѓаните на Република Македонија за што станува збор: нормалната работа на еден блок е со потрошувачка на 6-6.500 Т јаглен во едно деноноќие и производство од 220 Mwh со потрошувачка на мазут до 4 gr/kwh, Вие во моментот работите со потрошувачка од 2500 Т јаглен, производство од 100-110 Mwh, потрошувачка на мазут над 20 gr/kwh. Ова значи нормално дневно производство од 5.280 Mwh, а Вие со овој јаглен произведувате 2.640 Mwh, и трошите пет пати повеќе мазут. Ако тоа е нормално, како што кажувате, каде се нормалните бројки по кои треба да работи блокот.


4. Бидејќи сите ископи ви се во согласност со законот за јавни набавки, зошто не кажете која е јавната набавка по која во моментот се врши ископот, ќе дојде време и за тоа да дадете отчет, се работи за пари на граѓаните на Република Македонија.

Во приказните на Вашиот премиер за енергетскиот сектор во кој сака да биде лидер, тој е спремен и многу порано од предвиденото и кажаното да го затвори РЕК Битола затоа што јаглен нема, тоа го зборува Заев а не Мавровски. Господине Заев најпрво потрудете се, она што го имате дома да го доведете во ред а потоа изигрувајте лидер во сектор за кој немате познавања. Вие се претставувате како еден од лидерите во енергетиката, се расфрлате со народни пари по соседните држави, кажувате како скоро се да зависи од Вас, и тврдите дека од ова Македонија ќе има добивка и бенефит, жалосно.


Ве прашувам јавно господине Заев: Кога и дали ќе го завршите проектот за енергетско поврзување на 400 kV ниво со Република Албанија и зошто досега тоа не е направено? Кога предвидувате да го направите? Каматите од кредитот течат и се наплаќаат, се надевам дека ќе се согласите со мене. Ова го прашувам зошто Вие на готов проект не можете да поентирате, а говорите за европски поврзувања... за она што го говорите да се направи потребно е многу знаење, огромни работни зафати, на крајот многу, многу пари, но за жал тоа Вие не можете да го направите, оставете ги оние кои можат. Досега од Вашето работење само минуси и едно големо „празно“ множество во енергетиката. Главна цел и успех Ви е затворањето на РЕК Битола, што за Битола е катастрофична состојба, која за жал некој сеуште не сака да ја види. Доволно беше – време е да заминете.


Со рударски поздрав СРЕЌНО,

Битола, 20.05.2021 год.

29060043_2016680208590936_36926234558838