СКАНДАЛ: Дали фамозната „Ексико“ ќе згасне без да пријави вистински сопственик?


Вкупно 69.284 субјекти или близу 90 проценти од правните субјекти во сопственост на странски компании впишале физички лица во Регистарот на вистински сопственици, обелоденија неодамна од Владата, посочувајќи дека на тој начин се разбиваат комплексни и слоевити сопственички структури на нашите фирми, во функција на борбата против перењето пари и финансирањето тероризам. Но, податоците што ги обезбедивме од Централниот регистар, кој е надлежен за евидентирање на вистинските сопственици, покажуваат дека меѓу оние 10 отсто што не ја исполниле обврската за пријавување на вистински сопственик во предвидениот тримесечен бесплатен период е и фамозната „Ексико“, која беше најактуелна офшор фирма за време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од најголем број правни лица во сопственост на странски субјекти, каде е наведен македонски или странски државјанин како вистински сопственик, во тековната состојба за вистински сопственик на „Ексико“ се наведува дека за ова правно лице „не се евидентирани податоци во Регистарот на вистински сопственици“.

Инаку, компаниите во сопственост на други странски компании, што не ја искористиле можноста да пријават вистински сопственик во рокот, ќе треба да платат глоба кон Централниот регистар, но и кон Управата за финансиско разузнавање, која има надлежност да врши контрола врз околу 6 илјади субјекти со обврска за идентификација на вистинските сопственици – банки, адвокати, сметководители…

Уште поважно, овие фирми ќе добијат забрана за учество во платниот и правниот промет, односно ќе бидат оневозможени нормално и тековно да функционираат. Сепак, и без да ја извршат оваа обврска, овие компании може да згаснат, односно да бидат ликвидирани или избришани по службена должност, што зависи од долгови кон доверители и сл.

Според податоците од Управата за јавни приходи, „Ексико“ моментално има долг од неколку милиони денари. Притоа, компанијата должи 3,8 милиони денари по основ на данок на добивка, додека воедно има 2,8 милиони денари доспеани а несервисирани обврски по основ на плати и придонеси.

Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека нејзиниот пад почнува од 2016 година, кога остварува приходи од 136 милиони денари. Во следните години приходите се повеќе паѓаат, за во 2019 година да изнесуваат само 537 илјади денари. Истата година друштвото ја завршило во негатива од 2 милиони денари и со само еден вработен.

Оваа компанија е формирана во 2001 година од страна на „Делта Инвестмент ЛТД“ со седиште во Белизе. Во 2008 година доаѓа до промена, така што нов сопственик станува „Калвус ЛЛС“ од САД. Во 2011 година, пак, трет и последен сопственик на друштвото станува „ТМЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија. Во текот на целиот период, управител непрекинато е Тодор Мирчевски.

Можеби нема финансиска активност, но „Ексико“ се уште поседува атрактивен и вреден недвижен имот. Податоците од Катастарот на недвижности покажуваат дека компанијата има имот на скопско Водно, што се простира на две соседни катастарски парцели (2424/23 и 2424/24).

Се работи за градежно земјиште со вкупна површина од 1.636 квадратни метри, на кое е изграден објект со намена Б5-2 (хотели) и објект со намена А4-7 (времено сместување). Во рамки на овие два објекти, „Ексико“ преку ИЛ 16375 полага сопственичко право врз внатрешна површина од 2.350 квадратни метри.

Исто така, оваа компанија поседува дополнителен имот на скопско Водно, апартмани во Охрид…. Нејзината фирма-ќерка, пак, „Бетком“ поседува земјиште во Гевгелија, во непосредба близина на границата со Грција.

Покрај тоа, „Ексико“, заедно со уште една офшор фирма – „О.Т.Е. Инвест“, своевремено поседуваа акции во ЗК „Пелагонија“ и АД „Жито Полог“, кои во најголем дел подоцна преминаа во сопственост на „Софија-Градба“, чиј сопственик е „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков.

Како што е познато, Мијалков е првостепено осуден во три предмети на СЈО и моментално се наоѓа во затворски притвор. Тој деновиве понуди имот во вредност од 11 милиони евра за да биде пуштен на слобода до правосилност на пресудата, но судот ја отфрли понудата, иако обвинителството даде позитивно мислење.

Во периодот од 24 часа, колку што беше недостапен за органите на прогонот во пресрет на изрекувањето на пресудата во предметот „Таргет-Тврдина“, полицијата го бараше Мијалков на неколку локации и живеалишта, вклучително и на скопско Водно, каде како сопственик на имот се јавува „Ексико“.

gif

извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838