Скапата струја и загубите на енергетските компании водат до поскапа струја за граѓаните


Зголемените трошоци кои ги имаат енергетските компании оваа година можат да донесат нова цена на струјата за граѓаните од јуни или јули. Регулаторната комисија за енергетика допрва ќе одлучува, но речиси сите доставиле барања во кои прикажале поголеми трошоци. Од комисијата велат дека посебно внимание ќе се посвети на направените и планираните трошоци на компаниите. За минататa година МЕПСО прикажа загуба, а во очекување на ланскиот извештај на Елекстрани на Македонија, (ЕСМ) сите очекувањa се дека и производствената компанија ќе биде во минус. Таа му продаваше поскапа струја и на ЕВН Хоум која поради тоа има зголемени трошоци.


- До овој момент пристигнати се барањата од ЕВН Хоме, Електродистрибуција и МЕМО, се очекува да пристигне барањето и од МЕПСО. Исто така пристигна и барање од страна на ЕСМ Енергетика коешто се однесува на определување на тарифа за вршење на енергетска дејност дистрибуција на електрична енергија во поранешна Железара Скопје. РКЕ останува на ставот дека во процентот од крајната цена на електричната енергија во којшто има влијание и го регулира, односно 38% од крајната цена за малите потрошувачи и домаќинствата, ќе ги преземе сите законски дозволени мерки за да нема зголемување на крајната цена, велат од РКЕ.


Од таму велат дека не можат да влијаат, односно да ја регулираат цената што ќе му ја даде АД Електрани на Северна Македонија на ЕВН Хоме. Од комисијата тврдат дека доминантниот дел од крајната цена го одредуваат пазарни компоненти врз коишто немаат влијание, како што се цената на електричната енергија што ја набавува универзалниот снабдувач, маржата на универзалниот снабдувач определена на тендер спроведен од Владата и цената на електричната енергија од обновливите извори на енергија.


„Согласно Законот за енергетика РКЕ не ја регулира цената на електричната енергија произведена во ЕСМ веќе трета година, односно компанијата самостојно дава понуда на тендер за набавка на електрична енергија што го распишува универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме), при што, во согласност со законот, има обврска да понуди минимум 70 отсто од вкупните годишни потреби на универзалниот снабдувач. Важно е да се потенцира дека набавната цена за електрична енергија од страна на ЕВН ХОМЕ има најголем удел врз цената на електричната енергија за крајните потрошувачи. Ова со други зборови би значело дека големо влијание во одредувањето на крајната цена за малите потрошувачи и домаќинствата ќе имаат понудените количества електрична енергија и соодветно цената на таа енергија од страна на ЕСМ на тендерот којшто ќе го распише ЕВН Хоме“ додаваат од Регулаторна комисја за енергетика.


Од АД ЕВН ХОМЕ ни потврдија дека купуваат поскапа електрична енергија, но дека засега нема прецизни најави дали ќе следуваат повисоки сметки за струја, освен потврдата од универзалниот снабдувач дека трошоците се поголеми. Компанијата веќе ја информирала Регулаторната комисија за енергетика за повисоките трошоци.


- Поднесени се трошоците до РКЕ согласно законските обврски. Трпшоците во делот на набавка на електрична енергија се зголемени поради повисоките пазарни цени. Кај ЕВН ХОМЕ цената најмногу зависи од влезните трошоци за набавки на енергија, гласи одговорот кој го добивме од ЕВН ХОМЕ.


Доминантно влијание врз цената на електричната енергија што ја плаќаат потрошувачите кои се снабдувани од универзалниот снабдувач има цената на електричната енергија што универзалниот снабдувач ја обезбедува преку спроведување на тендерска постапка од АД ЕСМ, и тоа со 42,88 отсто во 2020. Значително е и влијанието на тарифата за дистрибуција на електрична енергија што учествува со 35,91 проценти во крајната цена. Маржата на универзалниот снабдувач учествува со 10,47 проценти, додека обновливите извори учествуваат со 7,30 отсто. Другите фактори се уште помали.


Засега и од комисијата и од ЕВН Хоме велат дека не постои опција за укинување на евтината тарифа на електрична енергија во текот на денот.


- Околу евтина тарифа не би коментирале, тоа е во надлежност на Владата и Регулаторното тело, велат од универзалниот снабдувач, додека од РКЕ тврдат дека во овој момент нема валидни показатели дека евтината тарифа треба да се укине.


Вакво барање до нив досега не било доставено, така што, како што велат од таму, прашањето за укинување на евтината тарифа на електричната енергија сега не е актуелно.


gif

извор: фактор

29060043_2016680208590936_36926234558838