Груби: Уште една шанса пред отказ за рамковните административци кои не сакаат да станат инспектори


Рамковните административци кои ќе ја одбијат понудената работа, ќе добијат уште една шанса да си го најдат своето работно место во државната администрација, во спротивно ќе им следува отказ, рече првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.


-Тие кои ги одбиваат работните позиции ќе бидат префрлени на трансфер листата на Министерството за информатичко општество и администрација. МИОА има трансфер листа за вработените на кои им е укинато работното место во институциите во кои работат и се во очекување на понуда од друга институција којашто има потреба за такви вработени. Ако не ја прифатат првата понуда којашто ќе им биде доделена на нив тогаш остануваат без ангажман и без работни места, рече вицепремиерот Груби.


Таква ситуација имаше во Државниот пазарен инспекторат каде се распределени 35 административци и дел од нив поради поинаков профил на стручно образование не можеле да се вклопат на работната позиција како инспектори.


-650 луѓе се започнати со работа и се на нивните работни задачи секојдневно. Има некои несреќни изјави на челници на државни институции, но мислам дека и тие ќе се решат. Значи, нема отпор за примање на К5 административци, но се потребни претежно правници и економисти, рече Груби кој денеска со министерот за транспорт Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми извршија увид на работите на патниот правец Скопје – Блаце.


Вчера директорот на ДПИ Стојко Пауновски реагираше дека „овие службеници кои досега не одеа на работа, а земаа плата бараат да бидат вработени во три града во западниот дел од земјата, а ДПИ има потреба од инспектори на истокот“.


-Освен тоа, сите тие 35 лица не ги задоволуваат критериумите да бидат инспектори. Правиме напори за дел од оние лица, кои ги задоволуваат критериумите, да станат инспектори и да бидат корисни на државата, но и на самите себе. Тоа се правниците и економистите, кои може да ги издвоиме од таа група и во постоечката систематизација да направиме мало проширување за да не примаме лица како што се детективи со завршена криминалистика. Тие нема да може да извршуваат некаква надлежност во однос на она на кое постапуваме, рече Пауновски.


МВР, УЈП и Царината се дел од институциите каде треба да почнат со реална работа рамковните административци.


-143 административци треба да ги преземе Министерството за внатрешни работи, но се прават безбедносни проверки. Тие веќе ги поминаа нашите безбедносни проверки и отпаднаа само 20-тина лица, рече Груби и изрази надеж дека конечно ќе се реши ова прашање.


Во УЈП шанса за работа ќе добијат 92 административци, а во Царината 74 од нив откако ќе бидат дефинирани на нивните работни места и обврски.


Станува збор за вкупно 1.349 спорните рамковни административци кои со години немаат ниту работно биро во државната управа ниту работно задолжение, а земаат плата и имаат платени придонеси.


-Се надевам дека ќе го завршиме целиот процес до ребалансот на буџетот кога ќе треба средствата од Министерството за политички систем да бидат пренаменети во другите институции кои ги имаат примено овие административци. Како што знаете ги испраќаме заедно со сите придонеси и заедно со сите плати и нема никакво оптоварување на буџетот и ги исполнуваме потребите кои ги имаат институциите, нагласи Груби.


gif

извор: слободен печат

29060043_2016680208590936_36926234558838