8 иновативни идеи за унапредување на високото образование

Откако се појави пандемијата, во светот се водат дебати и дискусии за иднината на високото образование. Многу универзитети не успеваат да се соочат со најновите предизвици и нивната иднина никогаш не била понесигурна. Потребни се нови идеи што треба да се имплементираат веднаш, како на пр., следните.


Фокус на создавање дипломци кои претставуваат „тројна закана“


Критичарите на универзитетите постојано повторуваат дека најголемиот проблем со високото образование денес е што се создаваат дипломци кои не се подготвени за работа. Затоа, оние универзитети што ќе се одвојат од мнозинството и ќе создаваат дипломци кои ќе се издвојуваат од другите во вештините имаат поголеми шанси за успех.


Дипломците што претставуваат „тројна закана“ во време на дипломирањето веќе имале практично искуство, работеле на долготраен проект и имаат сертификати признаени во индустријата, покрај дипломата.

Користење иновативни маркетинг-стратегии за привлекување нови студенти


Универзитетите што им нудат на потенцијалните студенти можност да го искусат студирањето и студентскиот живот ќе ги привлечат најдобрите студенти. Постојат отворени денови, но потребни се и иновативни стратегии, како летни програми и онлајн-програми за потенцијалните студенти.


Брзи одговори на кандидатите


Студентите чекаат со недели и месеци за да дознаат дали се примени на факултет. Многу универзитети низ светот го менуваат ова и донесуваат одлука за неколку дена.


Квалитетно онлајн-образование


Онлајн-програмите повеќе не се само бонус, туку се задолжителни. Онлајн-програмите нема да бидат привремени, туку ќе станат дел од образованието. Соодветно на тоа, универзитетите треба да создадат онлајн-програми што одговараат на нивниот квалитет.


Поголема и поевтина понуда


Додипломските студиски програми најчесто траат 4 години или повеќе, но дали е потребно тоа? Студентите би можеле да имаат предавања во текот на целата година, а студиските програми би можеле да траат помалку. Тоа е возможно и со комбинирање на традиционални предавања и онлајн-предавања. Студентите сè почесто бараат пократки програми со кои брзо може да стекнат вештини.


Програми за доживотно учење


Постојано се зборува за доживотното учење како еден од најдобрите исходи од модерното образование. Сепак, малку институции имаат програми кои се флексибилни за студенти од сите возрасти. Зошто да не се нудат програми во кои студентите постојано ќе ги надградуваат своите знаења и вештини?


Нудење заеднички услуги


Универзитетите би можеле да нудат заеднички програми и услуги со други високообразовни институции. Зошто да се гради нешто од почеток кога може да се позајми или сподели, особено кога тоа значи нудење подобри услуги за помали цени?


Програми за образование без дипломи


Компаниите сè повеќе вработуваат луѓе според нивните вештини, а не според дипломите. Освен тоа, речиси сите професии бараат постојано надградување. Универзитетите имаат избор: да влезат во играта и да нудат образовни програми без дипломи или да им дозволат на другите да го направат тоа.


Автор: Брендон Бастид

Извор: forbes.com

извор: fakulteti.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838